“Академците по Белиот свет” – отворено писмо до Проф. д-р Тања Каракамишева

World-wide web

Проф. д-р Тања Каракамишева,

Ние сме група на млади луѓе кои заминавме од Македонија (барем за сега). Повеќето од нас се сеуште студенти и академци, а некои се вработени надвор од Македонија. Образованието е најглавниот и најцврст столб во едно општество и моторот којшто ја движи целата држава. Учителите, професорите и останатите просветни работници ja имаат една од најважните улоги, а тоа е да ги образуваат идните поколенија, да им помогнат да бидат во тек со глобалните трендови, и подоцна да го искористат нивното знаење и експертиза во развојот на сопствената земјата. Вие како профeсор сте дел од оваа категорија. Но, наместо да пишувате научни трудови и да организирате работилници вашето време го насочивте кон креативни работи како на пр. пишување на неосновани и провокативни колумни од навредлив карактер кои ја таргетираат ни повеќе ни помалку туку целата македонска дијаспора. Би сакале да Ви се обратиме во отворено писмо, во кое ќе ги тргнеме настрана политичките игри и ќе имаме дискусија како вистински академци. Иако ќе мора да ја земете во предвид нашата резерва и внимателност со која е напишано ова писмо, поттикната од стравот дека можеби оваа академска дискусија би била еднострана. Сепак, сметаме дека како директно таргетирани Македонци со вашата колумна, вреди барем да се обидеме да резонираме со вас.

Едно нешто можеме да се согласиме, проблемот на заминување на младите навистина се анализира површно. Во вашата колумна “Мујо во Канада”, како и во вашата радио емисија Поента со Тања Каракамишева – 2015-01-05 Вие имате генерални ставови и изјави кои навистина се површни, а дел од нив се едноставно бесмислени. Од друга страна, има неколку работи за кои наидовме на спротивставени ставови.

Да почнеме од почеток. Вие ја правите вашата анализа со 30-тина луѓе, без воопшто да спомнете кој временски период на иселување го опфаќате. Според Eurostat во Македонија во последните 10-тина години се иселени 230.000 граѓани, а според светска банка 447.000 граѓани се иселени до 2010 година. Без разлика кој временски период сте го имале како референца, дали се последните 10, 50 или 100 години, вашата анализа не опфаќа ниту 1 % од иселеното население. Да не зборуваме за демографска, социјална и економска анализа на вашата таргет група пред да заминат од Македонија, која воопшто не ја ни споменувате. Недостатокот на овие фактори едноставно ја прават вашата анализа, најмалку несериозна, а повеќе скандалозна за вашето академско его.

Несериозноста не е единстветниот проблем. Всушност, во вашата изјава имате парадоксални аргументи. Од една страна тврдите дека младите заминуваат поради:

“… духовна неисполнетост, нереализираност на приватен план, како и поради чувството на љубовна празнина во домот.”

кое е надополнето со анализа од психолозите каде велите дека:

“Поради срам од нејзино соочување, и срам да се побара помош за соодветно и стручно да се лечи, луѓето одлучуваат да ја потиснат депресијата длабоко во себе. А лекот го бараат во бегство од средината која што ги потсетува на одредени болни моменти, во бегство од државата. Во еден дел, причините за заминување на младите се лоцираат и во неприфатеноста во средината и во семејството поради различностите што ги имаат.”

сепак од друга страна тврдите дека:

“Ако сакаш да се видиш со пријател, велат, треба да се најавиш неколку недели порано за да те стави во телефонскиот потсетник како вид обврска. Обврска да одам со пријателот од Македонија на вечера, обврска да гледаме филм заедно, да одиме на фудбал, обврска попатно да размениме неколку збора. Нема човек со кого сум разговарала да не му недостига македонското дружење, навиката за одење на кафе кај пријателка без најава, без посебни церемонии.”

Зарем ова не е нелогично? Од една страна тие што се иселуваат бегаат поради својата депресија, со цел да се соочат со уште поголема депресија!? Ова би значело дека сите оние кои се заминати едноставно треба да се вратат или пак да ја третираат својата депресија. И вие немате ниту бројки, ниту анализи колку од овие луѓе навистина се вратени во Македонија, ниту пак колку од вашата таргет група на анализа се навистина заминати со тие причини. Се прашуваме какви оцени би добиле од светските научници доколку Вие пробате да објавите една ваква статија на некоја престижна конференција.

Ве уверуваме дека ниту еден од долу-потпишаните никогаш немал душевна болест, ниту пак бил дијагностициран со депресија. Фактот што генерализирате дека најголемиот дел од заминатите се од психолошки проблеми, едноставно е навредлив за нас. Најголемиот дел од нас всушност се ќерки и синови на функционални семејства, со кои до ден денес сме во одлични односи, среќни и благодарни за секој момент поминат со нив. Како со нашите фамилии, исто така и со нашите пријатели дома.

“Западот е приказна која се продава”. Повторно навреда. Според вас ние треба да имаме испран мозок, така што некоја пропагандистичка “приказна” нѐ разубедила да заминеме. Не Проф. Д-р. Каракамишева, повеќето од нас баравме повеќе од Македонија и додека бевме таму. Одевме на натпревари (за кои сами плаќавме трошоци), претставувајќи ја Македонија и себеси, учевме со стипендии на странски приватни училишта во Македонија, земавме кредити и стипендии и баравме иднина во која барем ќе добиеме добро образование. Вие пак прашувате “Дали сево ова можеш да го најдеш во твојата Македонија?”. Еве со факти ќе ви кажеме што не можевме да најдеме во Македонија.

  • Не можевме да најдеме начин како да бидеме финансиски независни дури и за време на додипломските студии.
  • Не можевме да најдеме универзитет кој е во барем првите 500 во светот според Шангајската листа, а имавме капацитет за тоа.
  • Не можевме да најдеме начин со кој во Македонија спремаме докторат, а ќе можеме да најдеме грантови и финансии за истрaжувачка работа.
  • Не можевме да најдеме инвестиции за развој на нова технологија и фирма која ќе ја комерцијализира.
  • Не можевме да најдаме доволно научни групи кои работат и објавуваат научна работа не само на регионално ниво, туку и на светските конференции.

Гледате Проф. Д-р. Каракамишева, таканаречениот од вас “бел свет на сурова и безмилосна реалност” ни ги овозможи сите овие услови. Всушност ние стасавме таму кај што сме, баш поради таа “сурова реалност”.

Вие велите дека сме робови. Повторно навреда. Вие изгледа заборавате на законите во Европа во која велат дека за секоја работа предност има квалификуван Европеец. Затоа, секогаш кога Македонец добива работа, тоа значи дека работодавецот мора да докаже дека нема поквалификуван европски апликант за истата работа. Ние сме се нашле во земји каде иницијално немаме целосно знаење на мајчиниот јазик, ниту пак совршено иницијално познавање на културата, а сепак сме конкурентни на пазарот. Ако тоа за вас звучи како роб, ние ве уверуваме дека барем нашите фамилии се горди на нас.

Понатаму продолжувате со тоа како сме работеле по 12, 14 саати на ден и како ни недостасува спонтаност и духовно исполнување. Навистина е зачудувачки вашиот став во кој ја осудувате работната волја на човекот. Поголемиот дел од нас, работевме многу дури и кога бевме во Македонија. Ние сме амбициозни луѓе, нашите идоли се луѓе како Стив Џобс, Илон Маск, Никола Тесла. Некои од нас сонуваат за Туринг или Нобелова награда и планираат да бидат универзитетски професори. Други пак планираат комфортен живот и голема фамилија. Се разбира дека ќе работиме за тоа, се разбира дека ќе се бориме, затоа што е достижно, затоа што сме запознале луѓе кои успеале тоа да го направат, и затоа што тоа е наш личен избор, а не безизлезна ситуација. Но, најиронично од сѐ, е тоа што и самата вие имате повеќе од една работа. Вие сте професор на правниот факултет, а истовремено имате и емисија во Радио Слободна Македонија и пишувате колумни за Дневник. Колку часа на ден работите Вие Проф. Д-р. Каракамишева?

И знаете што, повеќето од нас, за разлика од вашите пријатели кои исто така не наведувате дали се дел од вашата таргет група или не, успеавме. Успеавме да дојдеме до добро образование, успеавме да ги исплатиме нашите кредити, успеавме да им помогнеме на нашите браќа / сестри со нивната едукација, успеавме да отвориме компании, да изградиме домови, успеавме да дојдеме во позиција кога можеме да им помогнеме и на нашите фамилии. Успеавме да добиеме работни позиции и грантови базирани на способноста во одбраната област и подготвеноста на интервјуата. Успеавме да се интегрираме, а дел од нас постанаа и граѓани на земјите во кои живеат. Имаме пријатели од целиот свет, имаме брачни партнери и врски од македонска и странска националност. Но, тоа што е најинтересно од се е тоа што повеќето од нас можевме се ова да го направиме во период помал од 10 години. Се разбира, секој со својата прерогатива и со својот труд.

Вие ја споменувате спонтаноста како предуслов за добар живот, дури и го банализирате фактот што во животот на запад треба да закажеме да се видиме. Самиот тон на овој аргумент докажува дека вие и не го разбирате овој концепт и дека вашиот вредносен систем е изместен. Видете, тоа што треба да се закаже термин, значи дека живееме животи кои се плански оптимизирани. Нашите одмори можеме да ги закажеме година дена однапред, да знаеме точно каде одиме и што правиме, да заштедиме пари на летови и на резервации, да знаеме точно колку време му е потребно на јавниот транспорт да нѐ превезе и пред се да бидеме прагматични во сите наши одлуки. Таа прагматичност, ни дава време да прочитаме уште една книга, да гледаме уште еден документарец, да следиме уште еден говор на TED, да ја прочитаме вашата статија, па дури и да напишеме отворено писмо за неа. Истата таа прагматичност која недостасува во Македонија, а вие ја величите како слобода, нѐ спречува да планираме одмори со нашите фамилии и со нашите пријатели, кои ни велат “Знаеш како е, 2 недели пред одморот ќе морам да видам дали ќе ми дозволат од работа, па ќе ти кажам”.

Вистинската душевна празнина често ја чувствуваме кога доаѓаме во Македонија. Додека нашите одмори со нашите пријатели од запад ги планираме по континенти, треба да бидеме крајно внимателни кога одиме на одмор со нашите пријатели од Македонија во соседните земји, а притоа да не повредиме нечија суета. Затоа што нашиот концепт за живот може да се интерпретира како ароганција на финансиска надмоќ. Треба да бидеме внимателни кога сакаме од се срце безрезервно да почестиме некого. Сепак, најголемата празнина е кога сакаме да се собереме со нашите пријатели од Македонија некаде на некоја точка во светот, онака како што тоа западњаците го прават, а не можеме. А како да можеме? Како да бидеме слободни со нашите искуства кога сме биле во Монголски ресторан, кога сме јаделе Тајванска храна или Бразилска скара, и тоа да го говориме во наш Македонски ресторан додека нашите пријатели ја порачуваат “неповторливата” шопска салата? Кажете ни како да ја направиме оваа поента, без да биде интепретирана како ароганција?

Како да зборуваме за традициите во Малезија, или комунистичкиот систем во Куба, или убавините на сафари во Африка, планинарењата на Алпите, кои сме ги искусиле со сопствени очи? Како да зборуваме со нашите пријатели кои решиле да бидат духовно исполнети дома? Истите пријатели кои мораат да работат некогаш и по 12 часа за да ги исплатат своите комуналии како и ние. И што ако тие комуналии се поефтини? Кое духовно исполнување ќе го достигнеме заедно ако нашите дискусии се вртат кон политичите случувања кои како тренд нѐ следат од нашето осамостојување без разлика која влада е во прашање. Навистина, кое духовно исполнување ќе се постигне кога во иронија ќе ја дискутираме вашата статија?

Ајде да се свртиме кон духовното Проф. Д-р. Каракамишева. Но, пред тоа, ајде да се осигураме дека имаме добро образование, за да знаеме кон што да се осврнеме. Ајде да имаме прво финансиска стабилност за да најдеме време да ја цениме убавината на светот. Ајде да се осигураме дека имаме доволно искуство и осознавање на светот надвор од Македонија за да можеме да ги најдеме нашите духовни определби. Ајде да почнеме од некаде. Ајде да почнеме од Вас. Иако можеби Вие се сметате за духовно исполнета до некој степен, можеби ќе добиете уште поголема душевна среќа ако вашето професорско место го одстапите на некој друг, кој можеби е позаслужен, за вие да имате повеќе време за вашето семејство и покрај другите ваши обврски. Ние не ја бараме вашата оставка и покрај тоа што некои ваши колеги се срамат од вас. Но, вашите изјави, емисии и колумни едноставно не можат, а да не нѐ наведат да се сомневаме во вашата академска компетентност и да веруваме дека позаслужна замена навистина постои во Македонија. И можеби ова ќе помогне, барем еден човек повеќе да остане во Македонија.

 

Искрено,

  • М-р. Ален Стојанов, докторски кандидат, комјутерски науки, ETH Zurich, Швајцарија
  • М-р. Владимир Златески, докторски кандидат, хемија и применети бионауки, ETH Zurich, Швајцарија
  • М-р. Гордан Ристовски, докторски кандидат, комјутерски науки, Jacobs University Bremen, Германија
  • М-р. Јана Гичева, докторски кандидат, комјутерски науки, ETH Zurich, Швајцарија
  • М-р. Дарко Макрешански, докторски кандидат, комјутерски науки, ETH Zurich, Швајцарија
  • М-р. Милена Гичева, организациска и социјална психологија, LSE London, Велика Британија
  • Дипл. Инж. Стојанчо Стамков, компјутерски науки и електро инженерство, Jacobs University Bremen, Германија
  • М-р. Бурим Рамадани, компјутерски науки и електро инженерство, Jacobs University Bremen, Германија
  • М-р. Ирена Кузмановска, докторски кандидат, комјутерска биологија и биоинформатика, ETH Zurich, Швајцарија
  • М-р. Маја Тасеска, докторски кандидат, електро инженерство и телекомуникации, Universität Erlangen-Nürnberg, Германија
  • Дипл. Инж. Адриатик Беџети, магистерски студент, компјутерски науки, VU University Amsterdam, Холандија
  • Дипл. инж. Владимир Илиевски, магистерски студент, компјутерски науки, EPFL Lausanne, Швајцарија
  • М-р. Оливера Еврова, докторски кандидат, биоинжинерство, ETH Zurich, Швајцарија
  • М-р. Пеце Подигачоски, докторски кандидат, астрофизика, Rijksuniversiteit Groningen, Холандија
  • М-р. Агон Беџети, докторски кандидат, компјутерски науки, University of Lugano, Швајцарија
  • М-р. Горица Тапанџиева, докторски кандидат, компјутерски науки, EPFL Lausanne, Швајцарија
  • М-р. Ангела Арсова, докторски кандидат, Фармакологија и молекуларна биологија, University of Copenhagen, Данска
  • М-р. Димитар Мишев, докторски кандидат, комјутерски науки, Jacobs University Bremen, Германија
  • М-р. Ивана Матеска, докторски кандидат, менаџмент, технологија и економија, ETH Zurich, Швајцарија
  • Дипл. Екон. Александра Арсова, магистерски студент, економија, VU University Amsterdam, Холандија
  • М-р. Оливер Митевски, компјутерски науки, University of Freiburg, Германија
  • Д-р. Славица Димитриева, истражувач во биоинформатика, FGCZ, ETH Zurich, Швајцарија
  • M-р. Јована Јорданова, менаџмент на иновација и технологија, Bocconi University, Италија
  • Дипл. Екон. Александра Димовска, магистерски студент, економија, Copenhagen Business School, Данска
  • Д-р Јован Костов, истражувач, општа и информатичка лингвистика, INALCO Université Sorbonne Paris Cité, Франција.
  • М-р. Виктор Диневски, Банкарство и финансии, University of Zurich, Швајцарија
  • М-р. Елена Чутрова, европско и економско право, Sciences Po Paris, Франција
  • Дипл. Инж. Мартин Видоевски, бизнис администрација, Anglo-American University in Prague, Чешка
  • Дипл. Инж. Ана Манасовска, магистерски студент, компјутерски науки, EPFL Lausanne, Швајцарија
Advertisements
“Академците по Белиот свет” – отворено писмо до Проф. д-р Тања Каракамишева

65 thoughts on ““Академците по Белиот свет” – отворено писмо до Проф. д-р Тања Каракамишева

  1. Vojo напиша:

    Citajki gi so pazlivost site nasi komentari jasno mi stana deka i nie koi se naogjame nadvor od tatkovinata ipokraj toa sto se zapoznavme so novi kulturi, jazici, narodi, opsestveno i politicki novi poredoci go zadrzavme za zal nasiot balkanski sindrom ,na prvo mesto da se osvrnuvame kriticki no ne i konstruktivno.
    Navistina nie si zaminavme a mnogu od nas bevme i primorani bidejki pri krajot na osumdesettite godini se sluci ona sto site go znaeme so SFRJ no i porano emigraziata odsekogas postoela a sekoj od nas mislam deka si zamina od MKD barajki podobra idnina.
    Normalno e deka na toj nacin dvapati mu pomognavme na nasata tatkovina.
    Od edna strana oslobodivme prostor za vrabotuvanje i dopolnuvanje na nasite oslobodeni mesta a od druga strana ekonomski ja pomagame na indirekten nacin nasata tatkovina a so toa i onie sto ostanaa.
    Soznanieto deka nepostojat idealni luge go znaeme site, pa i tie koi mozebi sega se naogjaat na rakovodni rabotini mesta ili vo politikata nese idealni.
    Zatoa bi posakal a toa nee nikogas kasno site nie rodeni vo Makedonija bez razlika na verska i politicka pripadnost vnatre i nadvor vo diasporata trebame poedinecno licno i familiarno da go izmeneime naseto razmisluvanje za nase zaednicko dobro i idninata na novite pokolenia Makedonija i Balkanot da zacekori po novi patista.
    Nasite kritiki da bidat konstruktivni, da iznajdeme podobar nacin za zaednicka sorabotka site zaedno bez ogled dali sme ili nesme politicki opredeleni ili na koja p.partija i pripagjame.
    Mojot son e i od sekogas bil iako se naogam nadvor od tatkovinata nie kako i nasite semejstva da se vratime vo nasata tatkovina, mesto ima za site nas.
    Samo vo ovoj smisol bi sakal da gi predupredam no ne da im se zakanam ili da gi kritikuvam site nasi politicki partii i nivnite lideri edinstvenata nivnata sekojdnevna idea da bide pred se zaednickoto dobro za site nas i nasata tatkovina a vo nivnata politika da preovladuva demokratiata, pozitivnite idei i miroljubiviot duh.
    Dragi moi sonarodnici vo diasporata,akademci pred se!
    Zosto bas od vas ne se rodi ideata site nie nadvor po Evropa da se soedinime i daja zapoznaeme ovaa EU na demokrati
    nacin deka dostae vise! DOSTA E! Da ne gusat i molcat i da ne ni go ovozmozat ona sto e za site nas najvazno,da se vikame, spomnuvame i pisuvame so nasite iminja i preziminja i da si ja spomnuvame slobodno nasata majka sto ne rodila MAKEDONIJA !!!
    Siguren sum deka deneska ova i nemase da go pisuvame ako odamna gore navedenovo bese storeno a siguren sum i deka tolku kritikuvanata doktorka nemase da se zanimava so vakvi temi i ke pisuvase za nesto drugo kade mozebi nemase da pogresi.

    Ми се допаѓа

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s